Денеска министерот за внатрешни работи се обрати на 15. Меѓународна научна конференција на тема „Современи безбедносни предизвици и зајакнување на отпорноста на земјите од Југоисточна Европа“ која се одржува во Охрид 23-24 септември, во организација на Факултетот за безбедност – Скопје и фондацијата „Фридрих Еберт“. Тошковски ја упати својата благодарност до организаторот за можноста да се обрати пред реномираниот собир на експерти од областа на безбедносните науки и истакна дека конкретната тема посебно погледната од аспект на моменталните глобални трендови и случувања бара сериозно експертско анализирање со цел проекција на решенија кои имплементирани ќе ја гарантираат безбедноста и отпорноста на регионот.
„Унапредување на науката и академското истражување на степен на којшто заслужува е нужно не само за научната фела, туку и за практиката како таква. Ако сакаме да зборуваме за безбедно општество, борба против сите видови сериозен криминал, нужно е да ги дискутираме темите и на ова академско и експертско ниво со цел заклучоците и научните факти кои ќе произлезат од ваквите настани, да ги имплементираме во институциите со што ќе го зголемиме нивното ниво за да се борат со сите предизвици како што се организираниот криминал, сајбер криминалот и високата корупција. Научната мисла мора да го даде својот придонес во секој од овие пилари во кои институциите како МВР ќе треба да се развиваат во иднина.“, потенцираше Тошковски.
На крајот на своето обраќање Тошковски нагласи дека со имплементирање на научната мисла и достигнувања создадени на вакви конференции и форуми овозможува подобро да се подготвиме за сите предизвици кои не очекуваат во иднината и кои се клучни за безбедноста на државата, регионот и пошироко.