Одреден припадник на МВР сторил насилство со коешто ја погазил честа на службите во Министерството, па и честа на Македонија, кажа министерот Панче Тошковски, во однос на инцидентот во кој учествуваше лице од обезбедувањето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Согласно информациите кои ги имам добиено, тоа лице ќе биде суспендирано од работа се до донесување правосилна пресуда, правосилната пресуда ќе биде донесена во рамки на постапка којашто по наредба на Јавен обвинител, МВР се надевам во текот на овој ден ќе поднесе кривична пријава за напад на службено лице. Во однос на МВР таа постапка е експресно завршена, како никогаш досега“, одговори министерот.
Тошковски додаде дека веднаш го осудил овој случај, особено што, како што кажа, станува збор за насилство од припадник на МВР.
„Во делот на тоа дека предметното лице попречувало одредена акција при нејзино спроведување, тоа е неточно. Предметното лице коешто сторило напад на службено лице влегло во акција откога акцијата на службените лица во предметниот објект е завршена. Гледам некои инсинуации во јавноста, мора да сме јасни и прецизни. Сторено е насилство, сторен е напад на службено лице“, објасни тој и дополни дека секој кој што се огрешил ќе одговара пред Законот и само така ќе се постапува во иднина.