Денешниот ден повторно ја разоткри коалицијата СДСМ, ДУИ и Левица, кои синхронизирано и координирано повторно ги насочија сите свои сили кон мене. На пратеничките прашања СДСМ повторно со своето папагалско повторување на зборот оставка и ДУИ со своите традиционални измислени етнички прашања, а Левица со поднесувањето на нова интерпелација. Три партии, наводно различни и наводно спротивставени, денес повторно усогласени и координирани за една единствена цел, вели министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, за интерпелацијата што Левица ја најави против него.
Тој вели дека интерпелацијата е демократско право на опозицијата и вели дека ниту бегал, ниту ќе бега од рапсрава.
„Левица ја најави третата интерпелација против мене за помалку од две години. Како и претходните две и оваа повторно беше најавена преку режирана прес-конференција, повеќе со евтин политички настап отколку со суштински аргументи. Но, како и да е сакам една работа да биде целосно јасна. Интерпелацијата е демократско право на опозицијата и јас тоа право целосно го почитувам. Ниту сум бегал, ниту ќе бегам од расправа. Напротив, аргументите ќе ги соочам таму каде што треба, во Собранието, јавно, пред сите пратеници и пред граѓаните. Таму секој ќе има можност да каже што мисли, а одлуката нека ја донесат избраните претставници на народот, согласно сопствената совест и одговорност“, вели Тошковски.
Тој тврди дека Левица уште еднаш покажала дека, свесно или несвесно, станува најкорисниот сојузник на СДСМ и ДУИ.
„Но, исто така, не можам да премолчам нешто што одамна им е јасно на граѓаните. Левица уште еднаш покажа дека, свесно или несвесно, станува најкорисниот сојузник на СДСМ и ДУИ. Истите тие партии против кои со години градеа имиџ на алтернатива и ветуваа поинаква политика, денес практично ги бранат преку напади кон секој што се обидува да воведе ред, одговорност и функционирање на системот. Лесно е од опозициска клупа да се пишуваат интерпелации и да се држат прес-конференции. Но многу потешко е да се води институција, да се носи одговорност, да се донесуваат одлуки и да се штити безбедноста на граѓаните. Луѓе кои никогаш не раководеле со институција, не управувале со буџет и не понеле реална одговорност, денес држат лекции за тоа како се води Министерството за внатрешни работи“, вели министерот.
Тошковски вели дека оваа трета интерпелација не е израз на грижа за државата туку евтин политички обид да се закочи процесот на расчистување со криминалот, корупцијата и долгогодишната неказнивост која ја практикуваа нивните денешни партнери.
„Затоа што кога системот конечно почнува да функционира, најмногу се вознемируваат токму оние што со години профитирале од неговото нефункционирање. Не се напаѓа оној што е неважен, се напаѓа оној што менува нешто. Јас ќе продолжам да работам, ќе продолжам да се борам со аргументи и со резултати. А конечниот суд, како и секогаш, ќе го дадат граѓаните“, вели Тошковски.