По видеото кое ја вознемири јавноста, а на кое лице од Радовиш на „Тик-ток“ ја тепа сопругата, за која се верува дека е бремена, МВР поднесе кривична пријава и го приведе мажот.
Од полицијата велат дека СВР Струмица ги презела сите службени дејствија кои се во надлежност на полицијата, поврзани со конкретниот случај, и насилникот е приведен.
Насилството било пријавено од мајката на жртвата, по што 35-годишниот А.А. бил приведен и задржан во полиција. Бил извршен и службен разговор и со нападнатата жена, во присуство на социјален работник, при што таа кажала дека видео записот е од јули 2024 година, иако јавноста дополнително ја вознемири тоа што видеото се појави на платформата како пренос во живо.
Сопругата, истотака изјавила во полицијата дека не сака да поднесе предлог и дека видеото било доставено од нејзината мајка.
„Бидејќи во конкретниот случај постои сомнение за сторено кривично дело „телесна повреда“ по член 130 став 2 во врска став 1 од Кривичниот закон, каде во став 5 од истиот член стои дека гонењето се презема по поднесување на предлог за гонење, од жртвата било изјавено дека не сака да поднесе предлог и дека видеото било доставено од нејзината мајка. За настанот бил запознаен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Радовиш, по чии насоки биле преземени и понатамошните мерки. Врз основа на преземените мерки, од страна на ОВР Радовиш до Основното јавно обвинителство Радовиш на 25.03.2025 е поднесена кривична пријава против А.А. поради постоење на сомнение дека сторил кривично дело „телесна повреда“ по член 130 став 2, а во врска став 1 од Кривичниот закон. Продолжуваат да се преземаат дејствија за целосно испитување на настанот“, велат од МВР.