Од полноќ, Макпетрол ја намали малопродажната цена на течен нафтен гас односно плин за 5 денари по литар, од 59 на 54 денари. Истовремено, во трговијата на големо е евидентирано намалување од 10 денари по килограм, што во пресметка значи приближно 5 денари по литар, истакна денеска владината портпаролка Марија Митева.
Она што е особено значајно, како што рече, е дека и останатите компании на пазарот го следат овој тренд.
Според неа, во малопродажба, цените на течен нафтен гас на бензинските станици веќе се намалени во распон од 5 до 6 денари по литар и се движат од 53 до 54 денари.
Ова како што појасни е системска реакција на пазарот која доаѓа како резултат на јасен институционален сигнал и координација.
„Ова намалување не е резултат на краткорочна пазарна случајност, туку е резултат на анализа од страна на ДПИ и преку договор и преземена одговорност од страна на трговците, за намалување на бруто маржите. Постигнавме согласност овие маржи да бидат намалени и да се задржат на тоа ниво и во наредниот период, да немаме осцилации коишто сега ќе ги имаме, оваа недела кон намалување, а следната би имале зголемување, што значи дека за повеќе од 10% во трговијата на големо и за 9 до 10% во малопродажба ќе имаме намалување“.
Како што објасни Митева, врз основа на детална анализа спроведена од Државен пазарен инспекторат, биле детектирани просторите за корекција во ценовната структура, по што следувале разговори со трговците и постигнување на договор за намалување на бруто маржите.
„Наместо пасивно следење на пазарот, активно интервенираме таму каде што постои простор за корекција во интерес на граѓаните.
Ќе продолжиме со истиот пристап, со анализа, со дијалог и со конкретни резултати. Пазарот мора да функционира, но мора да биде и праведен. А интересот на граѓаните ќе остане наш врвен приоритет“.