Македонските власти се обидуваат да евакуираат петмина наши државјани од Газа, брачен пар и татко со две мали деца, изјави идниот македонски амбасадор во Тел Авив Шпенд Садики пред пратениците на Комисијата за надворешни работи во Собранието.
-Тоа го правиме секојдневно. Беа двајца, еден брачен пар и последна бројка е пет. Татко и две мали деца. Дел од кризниот штаб сега е фокусиран на Газа во обид да се извлечат тие пет луѓе. Она што е невозможно ние да влијаеме е одлуката кога ќе се отвори границата. Таа одлука зависи од Египет и делумно и од Израел. Во комуникација сме секојдневна со нашата вршителка на работи во Каиро Елма и со Мачеј во Тел Авив и со нашите државјани, рече Садики.
Новиот амбасадор информираше дека се издадени патни листови за децата кои немале пасош, а мајката на децата е палестински државјанин и за неа е издадена виза.
-Ќе зависи од египетските власти дали ќе дозволат таа да излезе од земјата. И ние ќе инсистираме. Амбасадата во Тел Авив не е акредитирана за палестинските територии. Неколку држави имаат формални релации со нив, но ние немаме и тоа е политичка одлука, но конзуларна заштита за Западниот Брег нудиме од Амсадата во Тел Авив, а за Газа преку Амбасадата во Египет, рече Садики.
Пратеникот на ВМРО Антонијо Милошоски рече дека треба да се зачува плодната соработка што ја имаме со Израел и да ги зачуваме интересите на Македонија.