Министерот за здравство, Арбен Таравари, не знае за проблемите со кои се соочија матичните лекари оваа недела кога ординациите им ги преполнија пациенти со грип и пневмонии, а упат за рентген не можат да креираат. Министерот Таравари вели дека скоро и да нема болница во земјава во која нема рентген.
„Пред да дојдам тука имав состанок со екипата од ’Мој термин’ за да има што повеќе термини во болниците и на периферија. Јас немам информација дека некој од рентген апаратите не работи, повеќето функционираат.
Скоро да нема болница низ државата каде што нема рентген апарати.
Во Здравствен дом може да нема некаде, меѓутоа во повеќето населени места јас мислам дека постојат и работат. Можеби каде што немаат двајца тројца радиолози или педијатри, можеби нема дежурен“, рече премиерот Таравари денес по посетата на Детската клиника.
Синоќа матичниот лекар од Скопје, Драган Ѓорѓиевски кој истовремено е и претседател на Здружението на лекари по општа семејна медицина, се пожали дека прегледал 90 пациенти, но ниту еден не можел да испрати со итен упат да направи рентген на градите во ек на грипови и пневмонии. Рентген апаратите биле прикажани како надвор од функција, а онаму каде што биле функционални, блокирани биле итните упати поради големиот метеж, па рентген снимка на државно на пациентите не им е достапна.