Просечната нето-плата во Македонија е зголемена за близу 8.000 денари во период од две години, изјави на денешната прес-конференција пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски.
Тој посочи дека според официјалните податоци, во март 2024 година просечната нето-плата изнесувала 40.496 денари, додека во март 2026 година достигнала 48.433 денари.
„Тоа значи дека за две години просечната нето-плата е зголемена за близу 8.000 денари, односно за 19,6 проценти“, рече Стојаноски.
Според него, во истиот период растот на цените изнесувал 7,8 проценти, а по корекцијата со инфлацијата, реалното зголемување на просечната плата достигнува близу 11 проценти.
Стојаноски оцени дека платите растат побрзо од цените и дека тоа придонесува за зголемување на куповната моќ на граѓаните.
Тој додаде дека раст на платите е забележан во сите клучни сектори, при што најголемо зголемување во апсолутен износ има во информациите и комуникациите, транспортот и складирањето и рударството, додека процентуално највисок раст е регистриран во транспортот, дејностите поврзани со недвижен имот и образованието.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека овие показатели се потврда дека економските политики даваат резултати и најавуваат продолжување на мерките насочени кон отворање подобро платени работни места и натамошен раст на животниот стандард.