Сто пациентки со карцином со приоритетни упати два месеца чекаат скен на коските, неопходен за да добијат терапија

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

На денешниот настан за поддршка на пациентите со карцином, „Појадок со онколошките пациенти“, здружението посветено на пациентите со рак и нивните негуватели „Хемо-онко“ откри дека сто пациентки два месеца чекаат скен на коските за да им биде дадена терапија. Ана Марјановиќ од здружението рече дека го известила министерот за здравство Арбен Таравари веднаш штом дошол на појадокот со онколошките пациенти.



„За скен на коските во овој момент чекаат 100 пациентки, кои се од Онкологија, со приоритетни упати препратени на тоа испитување за продолжување на терапијата. Тоа значи дека додека не се направи испитувањето, тие се без терапија, а тоа понатаму само го комплицира нивното лекување. Проблемот што е посочен од институцијата е дека немаат изотопи. Чекаат речиси два месеца. Пациентките се испратени од Онкологија, но не може да бидат снимени бидејќи нема изотопи. Тоа е една од ретките клиники во која има ред. Додека имаат изотопи, снимањата одат регуларно, по протокол, доколку имате потпис од онкологот и печат дека сте приоритетен пациент, само тогаш добивате предност. Меѓутоа, проблемот во изминатите два месеца е дека пациентки со печати, тоа се 100, кои чекаат да бидат прегледани за да знаат нивните онколози како да го продолжат лекувањето, во овој момент не може да го добијат тоа снимање“, рече Марјановиќ.

Министерот Таравари на симболичниот појадок првпат слушна дека пациентките имаат таков проблем.

„Јас сега првпат дознавам дека нема изотопи. Веднаш ќе видиме што можеме како Министерство за здравство. Ако не се лажам, ова се работи во Институтот за патофизиологија, кој воопшто не е под Министерството за здравство, туку е под Медицинскиот факултет и под Министерството за образование, но секако повторно ние треба да интервенираме и да видиме што можеме да направиме. Добро е што ја добив оваа информација, јас ќе видам во следните денови што можеме како Министерство да помогнеме“, рече министерот Таравари.

Од почетокот на годината досега се направени над 9.000 испитувања за превенција од рак за кои министерот Таравари вели дека се речиси удвоени во однос на лани кога биле направени 5.000 такви прегледи. Иако пациентите се жалат дека многу долго чекаат за мамографија и за ехо, министерот Таравари и денес, како и многупати досега, рече дека во споредба со земјите во регионот кај нас најмалку се чека за такви снимања и нагласи дека нивна цел е да се стигне до бројка од 13.000 превентивни прегледи за откривање рак за една година.

Здружението „Хемо-онко“, кое втора година по ред организира симболичен појадок со онколошките пациенти, смета дека напредокот во подобрување на условите и лековите за пациентите е сосема мал, речиси незабележителен. Здружението останува на барањата Министерството да обезбеди нови терапии за пациентите, современ начин на скрининг и дијагностика и зацврстување на соработката со нив за секој нов чекор во подобрување на условите за пациентите оти тие се оние што се соочуваат со нив минувајќи низ процесот на лекување.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK