Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, придружуван од пратениците: Бејџан Иљас, Никола Мицевски, Оливер Спасовски, Мерита Колчи Коџаџику и Беким Сали, ја продолжува официјална посета на Република Турција со средби во Истанбул.
Делегацијата присуствуваше на Конференцијата за отворање на академската година 2024-2025 на Универзитетот Мармара, кој е еден од најстарите и најпрестижните универзитети во Турција. Претседателот Африм Гаши одржа предавање на тема: „Односите меѓу Северна Македонија и Турција на историски и политички план, актуелни прашања во светот“ пред ректорот, професорите и студентите на овој Универзитет.
Тој се осврна на заедничката географија и историја, образованието, културата и градењето на нацијата, заедничката геополитика и перспективите како би можел да изгледа заедничкиот свет во иднина. Изрази убедување дека Балканот повторно ќе се обедини, не само како географска целина, туку и како место на допир на цивилизациите, културите и религиите во пошироки размери, каде што ќе преовладува мирот, безбедноста и благосостојбата.
Тој посочи дека Република Северна Македонија е пример дека и на овие простори може да се гради соживот, градејќи држава и општество со различности, но во комплементарно единство.
На средбата со Одборот за надворешни економски односи Турција-Северна Македонија, стана збор за можностите за унапредување на економската соработка меѓу двете земји, која треба да го следи примерот на одличните политички односи. Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Гаши истакна дека државните институции прават сè што е во нивна моќ за да се олесни економската соработка, за што придонесува и географската близина, добрата инфраструктурна поврзaност и директните авионски линии меѓу двете земји. Беше подвлечено дека се заемни заложбите на двете земји за зголемување на вкупната трговска размена и беше изразено очекување за проширување на интересот на турските компании за инвестирање во Република Северна Македонија.
Во рамките на официјалната посета на Република Турција беше остварена и средба со граѓани од Република Северна Македонија кои престојуваат во Истанбул. Претседателот Гаши нагласи дека Република Северна Македонија и Република Турција ги поврзуваат историски и културни врски и во тој поглед, иселениците претставуваат значајна алка во цврстото пријателство и плодната соработка меѓу двете земји.