Денес, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски ја прими на средба амбасадорката на Сојузна Република Германија, Петра Дрекслер.
На средбата беше изразено заемно задоволство од развојот на одличните билатерални односи меѓу двете земји, кои се одликуваат со редовен политички дијалог и интензивна размена на посети на високо ниво во изминатиот период. На таа линија, беше изразено задоволство од неодамна одржаната средба на министерот Муцунски со германската сојузна министерка за надворешни работи, Аналена Бербок во Берлин, на која беа поздравени одличните билатерални релации и реафирмирана германската поддршка за нашиот европски процес.
Посебно беше нагласена важноста од натамошно унапредување на меѓусебната соработка во рамки на евро-интегративниот процес на нашата земја и продолжување на цврстата поддршка на Германија на тој пат.
Во овој контекст, министерот Муцунски додаде дека земјата останува силно посветена на исполнување на неопходниот реформски процес за членството во Европската унија.