Мобилен тим при Секторот за контрола и истраги спречи нелегален влез на шест мигранти со потекло од Ирак при контрола на товарно моторно возило на влез на граничниот премин Богородица. Притоа поради оштетување на царинските обележја запленета е и стоката и товарното моторно возило во коешто се криеле мигрантите, соопшти Царинската управа.
Случајот е откриен откако инспектори од Одделението за оперативни работи при селекција за детален преглед на возилото забележале преправки во фабричката надворешна конструкција на возилото, со што се овозможува вадење на сајлата и отворање на церадата без да се оштети царинската пломба. Станува збор за товарно моторно возило со грчки регистарски таблички управувано од грчки државјанин.
Со отворање на церадата во товарниот дел меѓу стоката која се превезувала се откриени шесте мигранти, при што истите се предадени на Министерството за внатрешни работи.
Стоката или вкупно 23 тона компот од праски, влекачот и полуприколката со вкупна вредност од 2,3 милиони денари привремено се одземени. До Основниот суд во Гевгелија поднесени се и соодветни прекршочни постапки поради прекршување на член 267 и 269 од Царинскиот закон.