Денешниот ден 27 април не смее да биде заборавен, ова е најцрниот ден во историјата на македонската демократија, рече денеска на прес-конференција, Оливер Спасовски, носител на ИЕ2 од СДСМ.
„На 27 април 2017 година се случи напад на Собранието, со план да се убијат пратеници, новинари и стручни служби на Собранието. Насилници коишто беа поттикнати од ВМРО-ДПМНЕ влегоа да ја остварат оваа цел. Затоа никако не смееме да дозволиме насилниците да се нарекуваат уставобранители, ниту пак да бидат тие коишто ќе бидат помилувани и на коишто ќе им биде простено за стореното“, рече Спасовски.
„Затоа е многу важно да разбереме сите дека овој десничарски режим во тоа време направи удар врз Уставот, државата и демократијата. Важно е да знаеме дека ваквиот пристап на една политичка партија може да ја сруши демократијата и слободата на граѓани и државата“, изјави тој.
Прес конференцијата се одржа пред Собранието каде беше поставен видео бим на кој се емитуваа снимки од инцидентите во Собранието. Веднаш до видео-бимот беа расфрлани и неколку искршени столчиња.