Претседателот на Kомисијата за односи со верските заедници и религиозни групи Даријан Сотировски преку социјалните мрежи повика на внимателност и воздржаност од сите за ситуацијата околу Попова Шапка.
„На Попова Шапка со години наназад гради кој каде ќе стигне. Тоа и покрај повиците на многумина стручни лица, но и сопственици на викенд куќи и хотелиери, Општина Тетово не најде за сходно да го разреши преку усвојување на урбанистички планови и соодветно одобрување на изградба, поставување времени објекти, опрема и инсталации, но и соодветна непристрасна и неселективна надзорна и казнена поставеност. За разлика од многубројните објекти, на катови и со оградени дворови на државно земјиште, Крстот е поставен на манастирски имот и прашање е дали било каде во земјава за поставување на крст во двор на манастир некој дал дозвола. Крстот е верско обележје. Што правиме со многуте објекти профани и сакрални изградени на државно земјиште? Ете, на Попова Шапка такви има насекаде. Зошто за ниту еден од нив до сега не заседаваше вонредно Советот“, прашува Сотировски.