Едногласно со девет гласа „за“, Советот на јавни обвинители ја избра Соња Симовска за в.д. државен јавен обвинител. Таа ќе го наследи Љубомир Јовески.
Според нив, Симовска е најсоодветна да ја извршува оваа функција се до именувањето на Јавен обвинител на Република Северна Македонија.
„Јавниот обвинител Соња Симовска која на денешната седница на Советот на јавни обвинители е определена за вршител на функцијата до именувањето на Јавен обвинител на Република Северна Македонија е обвинител којшто има долгогодишно искуство, докажан во својата професија како вистински професионалец, ги познава добро состојбите во Јавното обвинителство. Истата поседува и менаџерски способности, сметаме како членови на Советот дека јавниот обвинител Соња Симовска успешно ќе ја извршува функцијата до именувањето на Јавен обвинител на Република Северна Македонија“, изјави претседателката на Совет на јавни обвинители, Душица Димитриеска.