Собраниска делегација на Генералното собрание на ИСП во Порто Карас, Република Грција

delegacija
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

На јубилејното 30. Генерално собрание на Интерпарламентарно собрание на православието (ИСП) што во периодот од 29.6 до 2.7. 2023 година се одржа во Порто Карас, Република Грција, работата беше насочена кон одбележување на триесет години од основањето на оваа парламентарна организација на Православието (1993-2023), а во Декларацијата која беше усвоена акцентот е ставен на новите предизвици на христијанските вредности и перспективи во Европа и во светот.

Како што денеска соопштија од собраниската прес-служба, во работата на оваа конференција учествувала и делегацијата на ИСП од Собранието на Република Македонија, претставувана од пратениците Миле Талевски и Ане Лашкоска.


Во рамки на оваа јубилејна годишна конференцијата главна тема околу која се дебатирало била иднината на Европа и соочувањето со предизвиците кои се пред нас, предизвици предизвикани пред сѐ од воените и економски кризи во Европа.

– Исто така, беше ставен акцент и на досегашната триесетгодишна работа на оваа парламентарна организација од нејзиното основање па до денес, беше нагласена значајната улога кој ја има ИСП во рамките на развојот на парламентарната дипломатија и тоа што денес ИСП вклучува парламентарци од 25 различни земји кои доаѓаат од Европа, Азија, Африка и САД и сите тие придонесуваат за развој на една широка мрежа на комуникација помеѓу разни меѓународни организации и парламенти, како и невладини организации и тела на цивилните општества. Околу овие теми дебатираа повеќе гости, претставници од универзитети, црковни официјални лица и парламентарци од повеќе земји, се наведува во соопштението.

Во рамки на работниот дел на конференцијата од страна на генералниот секретар Максимус Каракопулос биле презентирани и усвоени тековните и идни активности за наредната 2023-2024 година, а е усвоен и финансискиот извештај за 2022-2023 година.

– Во рамките на состанокот на проширениот состав на Меѓународниот секретаријат се донесе одлука и за избор на нов претседател на ИСП по истекот на мандатот на досегашниот претседател Сергеј Гаврилов. За нов претседател на ИСП беше предложен и избран од страна на Генералното собрание Евгениуз Чуквин, пратеник од Парламентот на Полска. Во рамките на ова Собрание, исто така, се формираше и ново работно тело – Комитет за амандманска расправа. За член на овој Комитет беше избран и пратеникот од Собранието на Република Македонија Миле Талевски, што воедно претставува и наше прво учество во органите и телата на ИСП, се посочува во соопштението.

Се додава дека на Конференцијата е усвоена зедничката Декларација околу предизвиците и новите перспективи, како и промоцијата на христијанските вредности и традиции во модерна Европа и глобалното општество.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK