Собранието денеска ќе ја одржи 11. седница на која треба да бидат изгласани замениците-министри во Владата, за комплетирање на владиниот тим. Седницата е закажана за 11 часот, а на дневен ред е и Предлог на законот за изменување на Законот за здравствената заштита – прво читање, со кои се укинуваат економските директори во јавните здравствени установи и болници и верификацијата на мандат на пратеник во Собранието.
Претседателот на Владата предлогот за заменици министри го достави до Собрание минатата недела.
Од Коалцијата Влен велат дека нивните кандидати за заменици министри го претставуваат достоинството, професионалноста и надежта за Албанците од Северна Македонија.
„Со гордост и длабока посветеност, коалицијата Влен соопштува дека нашите кандидати за заменик министри во Владата на надеж и антикорупција ги поминале сите филтри и сега се во Собрание пред пратениците за изгласување.
Овие истакнати кандидати ги претставуваат највисоките вредности на достоинство, професионализам и надеж за Албанците од Северна Македонија.
Со докажано резиме на интегритет и посветеност кон јавното добро, и без никаква дамка на корупција, нашите кандидати се подготвени да донесат опипливи и позитивни промени. Во време кога криминалот, корупцијата, коцкањето и девијантното однесување го загрозуваат нашето општество, веруваме дека овие избрани поединци се клучот за вистинска трансформација.
Владата на надеж и антикорупција е решена да гради посветла иднина за сите граѓани, промовирајќи ја правдата и еднаквоста. Посветени сме на искоренување на криминалот и корупцијата еднаш засекогаш и враќање на довербата во нашите институции.
Влен е надежта на Албанците од Северна Македонија“, велат од коалицијата.