Со новата сезона започна и пробата за најновата претстава во МНТ „12“

0V4A0139.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Како што беше најавено, Македонскиот народен театар, новата театарска сезона 2024/2025 година ќе ја започне со отворање на новата сцена – летната сцена „Славиша Кајевски“, со патувања и гостувања надвор од државата, гостувања во МНТ, како и реализирање на премиерни изведби.
На 4 септември официјално започнаа подготовките за претставата „12“ во адаптација и режија на Синиша Евтимов, работена по мотивите (12 Angry Men) од Реџиналд Роуз.
Приказната ја следи поротата од 12 луѓе додека размислуваат дали да осудат или да ослободат 18-годишен обвинет врз основа на разумно сомневање, принудувајќи ги поротниците да ги испитаат сопствените морални вредности.


Одбраната и обвинителството ја завршиле својата работа, а поротата е испратена во посебна просторија за да одлучи дали младиот човек е одговорен за убиството на сопствениот татко. Она што изгледа како лесна одлука, наскоро станува бура од емоции во која на виделина излегуваат сите мани и предрасуди на поротниците. Единствениот кој се противи на смртната казна и се сомнева во доказите што ги изнесува обвинителството е поротникот број 8.
Во претставата, која е дел од годишната програма на националната установа МНТ за 2024 година, ќе игра моќна машка актерска екипа: Тони Михајловски, Никола Ристановски, Игор Џамбазов, Јордан Симонов, Владо Јовановски, Сашко Коцев, Оливер Митковски, Сенко Велинов, Ѓорѓи Јолевски, Александар Микиќ, Гораст Цветковски и Благој Веселинов.

Асистент на режисерот е Борјан Стојков, костимограф е Александар Ношпал, сценограф и дизајнер на светлото се на Мартин Манев, а музиката е на ПМГ Колектив.
Премиерата е закажана за октомври.

Списокот на претставите кои ги режирал Евтимов е обемен и разновиден, и во жанровска смисла и во однос на театарските куќи во кои работел. Хронолошки ги издвојуваме претставите кои ги има режирано во МНТ: „Едмонд“ (1996) од Дејвид Мамет, „Венко“ (2000) по текст на Благоја Ристески-Платнар, „Дипломец“ (2004), „Сомнително лице“ (2007) од Бранислав Нушиќ, „Така било пишано“ (2010) по текстот на Сашко Насев, (праизведба), „Кој се плаши од Вирџинија Вулф?“ (2012) според Едвард Олби, и последните две комедии „Не се клади на Енглези“ (2014) според Владимир Гурѓевиќ – претстава која е на репертоарската програма веќе десетта година и сѐ уште ги полни салите, како и претставата „Мој термин“ (2019) по мотивите на Лорен Бафи и Висенте Виљануева.

ПР

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK