Случајот со бремената пациентка кој ја разбранува јавноста е уште еден аларм за катастрофалните состојби во охридската болница, велат од Левица.
До Левица, како што информираат од оваа партија, пристигнуваат и други сведоштва за голготата на пациентите, особено на гинеколошкото одделение, што отвора, како што велат, сериозни прашања за способноста на директорот Горан Маркоски да ја менаџира болницата во Охрид.
„За ваквата состојба сведочи и друга бремена пациентка, која се пожалила за нехуман однос во болницата и одбивање да биде прегледана, поради што и во овој случај, пациентката била принудена да оди во приватна болница. Се поставува прашањето колку вакви случаи воопшто не ни биле обелоденети во јавноста? Кога пациентите се принудени да чекаат со часови и да бараат помош во приватни болници, тоа е доказ за целосна неспособност на вмровскиот кадар поставен за раководење со болницата“.
Левица бара министерот за здравство Сашо Клековски итно да го разреши директорот Горан Маркоски и да понесе одговорност за состојбите во установата со која раководи.
„Од министерот Клековски дополнително бараме итен и независен инспекциски надзор во охридската болница поради алармантната состојба, како и утврдување персонална одговорност за секој пропуст.
Директорската функција не е партиска награда, туку одговорност за човечки животи. Здравството не е место за партиски кадри и политички заслуги, а животите и здравјето на граѓаните не смеат да зависат од политички калкулации“