Над 100 учесници од заедницата за е-трговија и останати ентузијасти успешно ја спроведоа еко-акцијата во која се собираше отпадот од пешачките патеки на планината Водно. Еко-акцијата, која беше во организација на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија – АЕТМ, имаше за цел да го поттикне единството во секторот за е-трговија и паралелно да влијае на зачувување на природните убавини на Водно и на колективното зголемување на еколошката свест.
Учесниците во еко-акцијата беа поделени во две групи за да се опфати што е можно поголем број локации на планината. Активностите за чистење ги опфатија следните локации – потегот од Средно Водно, паркинзите на Средно Водно, асфалтниот пат, Бабина патека од Средно Водно до врвот, Новогодишната патека од Средно Водно до врвот и пределот околу крстот на врвот на Водно.
Учесниците во акцијата беа водени од страна на лиценцирани водичи од планинарскиот спортски клуб H2O, каде што го искачуваа Водно и собираа отпадоци по патеките. Лиценцираните водичи обезбедија суштинско водство и поддршка во текот на целиот настан, грижејќи се за безбедноста и зголемувајќи ја ефикасноста на учесниците.
Во периодот на искачување во времетрање од околу 2 часа беа собрани вкупно 15 вреќи со смет од падините на Водно. По завршувањето на собирањето на сметот, следеше дружење во планинарски дом Даре Џамбаз со DЈ Foodieman, а беа обезбедени пијалаци од Скопска Пивара, бургери од Jojo’s BBQ и здрави благи од Healthyish за сите учесници.
“Како Асоцијација за е-трговија на Македонија често организираме едукативни и други настани за вмрежување на членовите, кои се дел од нашата годишна програма. Темите секогаш произлегуваат од потребите на членките и предизвиците со кои се соочуваат, а на настаните членките имаат прилика и да разменат искуства, да остварат соработки и да градат релации кои ќе им придонесат за развој на бизнисот. Овој пат решивме да направиме поинаков настан, односно еко-акција со која покрај спорт, дружење и нетворкинг со е-комерц заедницата ќе придонесеме и за заедницата во која што сите функционираме. Сите мора да тргнеме од себе и да веруваме дека со мали чекори заедно можеме да ги менуваме и подобруваме работите.” – изјави Претседателката на АЕТМ, Нина Ангеловска.
Успешната реализација на оваа еко-акција немаше да биде возможна без поддршката и соработката на клучните партнери. Националната агенција за европски образовни програми и мобилност (НАЕОПМ) одигра клучна улога во организирање на настанот, нагласувајќи го значењето на еколошката едукација и мобилност. Пивара Скопје, партнер во оваа иницијатива, беше пример за корпоративната општествена одговорност обезбедувајќи освежување за учесниците и поддршка во организацијата и Healthyish ја покажа својата заложба за промовирање на здрав начин на живот.
– ”Со поттикнување на глобалната свест за заштита на животната средина можеме да имаме квалитетен и здрав живот. Ни претставуваше голема чест и задоволство што Националната агенција за европски образовни програми и мобилност беше дел од една ваква убава иницијатива. Потребно е заеднички да покренеме уште поголема свест за одржлив развој, заштита на животната средина и Свет без отпад. НАЕОПМ на повеќе начини ја покрева свеста за борба против климатски промени преземајќи и акција на терен како што е токму оваа. Правото на здрава и чиста животна средина е фундаментално граѓанско право.” – вели Марко Ѓоргиевски, Директор во НАЕОПМ.
– “Чест ни е што бевме дел од акцијата за чистење организирана од Асоцијацијата за е-трговија на Македонија, со цел да ги промениме навиките градејќи систем за одржлива животна средина, истовремено создавајќи партнерства со сите оние со кои ги делиме истите вредности. Една од заложбите на Пивара Скопје е да ја изградиме нашата земја како место без отпад, што е целосно во согласност со нашата глобална иницијатива – Свет без отпад. Како компанија која се залага за одржлив развој, секогаш не радува кога ваквите иницијативи се препознаени од пошироката јавност и со тоа привлекуваат голем број на волонтери, меѓу кои секако се и нашите Пиварци”, изјави Марија Мининчиќ, Менаџер за партнерства со заедницата.
Еко-акцијата на Водно, која послужи како инспиративен пример за колективно дејствување и еколошка одговорност, беше спроведена за прв пат. Покрај расчистувањето на планината, еко-акцијата на АЕТМ имаше за цел и да ја подигне јавната свест за зачувување на животната средина.