Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денес беше во посета на две градинки во Скопје.
По повод 13. ноември – Денот на ослободувањето на Скопје, Тренчевска заедно со градоначалникот на Општина Карпош, Стевче Јакимовски беше во посета на градинката ,,Мајски цвет” Карпош – Скопје и беше дел од активностите кои беа спроведени како дел од церемонијата за одбележување на денот. Градинката функционира уште од 1965 година до една работна единица и 15 вработени со вкупно згрижени 108 деца. Денес јавната детска установа дејноста ја остварува во четири објекти со 81 вработен и вкупно згрижени 787 деца.
Воедно Тренчевска беше присутна и на патрониот празник на градинката „13 Ноември“ во Општина Центар заедно со градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски. Јавната детска установа постои уште од 1951 година и е една од најстарите предучилишни установи во Скопје. Моментално во градинката се згрижени 911 деца кои се распределени во 4 објекти, додека за нив се грижат 127 вработени.
Тренчевска при посетата на градинките истакна дека ова се градинки кои означуваат традиција во згрижувањето на децата и дека нивното долгогодишно функционирање го означува квалитетот на работата на истите.