Општина Центар дава целосна поддршка на петицијата потпишана од група граѓани/родители чии што деца учат во ОУ „Коле Неделковски“ во Општина Центар-Скопје. Петицијата која е доставена до МВР, МОН, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за локална самоуправа и Општина Центар е резултат на загриженоста на родителите за безбедноста на децата во реонот на Дебар Маало откога пред два месеци тие алармираа за насилство и девијантни однесувања од малолетници, велат од општината.
„Во петицијата во која како родител се потпиша и градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски се бара редовно полициско патролирање на локациите во општината каде се собираат младите, нивна едукација за препознавање на деликвентни појави и разни облици на насилство и педофилија, видео надзор и контрола во и надвор од училиштата, како и измени на законите со цел да се формира комунална полиција во рамките на локалната самоуправа“, соопшти општина Центар и додаде дека е „отворена за институционална соработка со цел да им се излезе во пресрет на граѓаните за безбедност на нивните деца, по алармот на родителите и по немилите настани кои се случија во реонот на Дебар Маало и округот на училиштето Коле Неделковски“.