Вчера, ЈП Комунална хигиена-Скопје со максимална ангажираност на сите расположливи работници во три смени спроведуваше активности за рачно и машинско чистење на снегот и мразот на булеварите и поголемите улици во сите скопски општини, со цел да се овозможи безбедно движење на пешаците и одвивање на сообраќајот.
„Активности за расчистување на снегот и мразот беа реализирани и во централното градско подрачје, плоштадот и улицата Македонија, помалите плоштади Филип Втори, Мајка Тереза и Богородица, како и Старата чаршија. Екипите на Претпријатието го расчистуваа и реонот околу Градската болница, Државната болница, Владата и Собранието на РМ, пешачките патеки и тротоарите на мостовите „Гоце Делчев“, и „Слобода“, како и сите пешачки мостови. ЈП Комунална хигиена-Скопје ќе продолжи со активностите за расчистување на снегот и мразот и во текот на денешниот ден и претстојната ноќ“, соопштија од ЈП Комунална хигиена-Скопје.