Партијата Левица извести дека до нив пристигнало писмо од загрижени родители за „хаосот со образовните асистенти во основните училишта во Општина Аеродром“.
„Родителите ги поминале сите процедури, обезбедиле наоди од МКФ комисии и ја доставиле потребната документација, но кога почна учебната година, добиле одговор: ‘Нема образовен асистент за вашето дете’.
Додека МОН, Општина Аеродром и ОУРЦ ‘Д-р Златан Сремец’ си ја префрлаат одговорноста за квотите, огласите и процедурите, децата се враќаат од училиште, а родителите се принудени да земаат неплатени денови, боледувања поради пропустот на институциите“, велат од Левица.
Од партијата бараат МОН, Општина Аеродром и ОУРЦ „Д-р Златан Сремец“ веднаш да обезбедат образовни асистенти за сите деца кои чекаат и да престанат со префрлање на одговорноста.
Левица ги повикува и родителите од Аеродром кои се соочуваат со истиот проблем да ги споделат своите искуства и додаваат дека партијата ќе продолжи да бара одговори и одговорност.