Со учениците од средното училиште на Град Скопје „Никола Карев“ се вклучивме во „Генералка Викенд“ и со денешната акција за чистење која се реализира на неколку локации низ градот, заедно ја подигнуваме свеста за соодветно управување со отпад и ги демонстрираме нашите заложби за зелена и чиста животна средина.
Скопје сакаме да го направиме место со повисок квалитет на живот, со реализација на проектите за изградба на мега парковите, подигањето на нови зелени површини и засадување садници, реконструкции и одржување на постојното зеленило и заштитата на Водно, зелениот штит на градот.
Сектор за животна средина на Град Скопје издава и контролира инсталации со Б интегрирани еколошки дозволи и еколошки елаборати, подготвува акционен план за енергетска ефикасност и клима, постапува по краткорочен план за воздух при алармантни состојби што вклучува засилени инспекциски контроли на сите инсталации, но и по мерки за постапување по долгорочниот план за почист воздух.
Нашето јавното претпријатие Паркови и зеленило, во периодот мај 2022 до мај 2023 година реализираше и повеќе проекти, односно подигнати се следниве нови зелени површини:
Мега парк Даме Груев во Ѓорче Петров, Кеј на река Вардар потег од мост Мајка Тереза до мост Близнак по течение на река Вардар од лева страна, Зелен плоштад во населба Ченто, Зелен коридор на кеј Димитар Влахов пред МАНУ и МКЦ, Зелен коридор на бул. Србија и бул. Видое Смилевски Бато, Зелен плоштад пред СРЦ Сарај, Зелен плоштад на кеј Димитар Влахов, Зелен коридор кај Кванташки пазар, Зелен коридор на ул.Московска, а моментално се работи на паркова површина кај универзитетот Мајка Тереза и зелен коридор на ул.Даме Груев.