Ѓорѓиевски: Да оставиме пример, не ѓубре – Скопје повторно се обединува во најголемата еко-акција досега!


zaedno-za-cisto-skopje.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, најави дека во среда, во 11:00 часот, продолжува најмасовната акција за чистење на Скопје.


– Љубовта кон Скопје се гледа во делата. Во секој исчистен парк, во секое уредено маало, во секој човек што одлучил да даде свој придонес за градот во кој живее. Повторно со илјадници волонтери, во сите скопски општини, со силна волја да покажеме колкава промена можеме да направиме кога работиме заедно. Ќе чистиме на повеќе од 50 локации – паркови, улици, пешачки патеки, јавни површини и простори меѓу зградите. Секое маало е важно. Секој дел од Скопје заслужува внимание, грижа и чиста околина – изјави Ѓорѓиевски.

Градоначалникот Ѓорѓиевски истакна дека во акцијата за чистење на Скопје повторно ќе се вклучат општините, градоначалниците, учениците и сите граѓани што сакаат да вложат дел од своето време за заедничко добро.

– Луѓе од различни генерации и професии, обединети околу желбата за почисто, поубаво и поздраво Скопје. Ве повикувам да ни се придружите. Повикајте ги соседите, пријателите и колегите. Да се собереме таму каде што секојдневно живееме, се движиме и ги создаваме спомените. Да се погрижиме за местата каде што играат нашите деца и да им покажеме што значи да се биде одговорен кон својот град. Затоа што секое дете што ќе види возрасен како се грижи за околината, добива пример што вреди повеќе од илјада изговорени зборови. Како што најавивме, овие акции ќе се одржуваат двапати месечно. Ќе бидеме упорни, ќе се собираме повторно и ќе градиме традиција на заедништво и одговорност. А вистинскиот успех ќе биде кога грижата за чистотата ќе продолжи и меѓу две акции, секој ден, во секое маало. На неодговорноста ќе одговориме со личен пример. На секое несовесно фрлање отпад ќе му се спротивставиме со свест, истрајност и илјадници луѓе решени да го чуваат својот град. Но, и со одговорност. Верувам во скопјани. Во нашата солидарност, во нашата енергија и во решителноста да направиме нешто добро што ќе остане и по нас. Во среда, да ги засукаме ракавите и да покажеме колку силно може да биде Скопје кога неговите луѓе ќе се обединат. За чисти маала, за здрави деца, за град на кој ќе бидеме горди. Да оставиме пример, не ѓубре! – истакна Ѓорѓиевски.

За точните локации и начинот на приклучување, информирајте се во вашата општина, се додава во соопштението од Град Скопје.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK