Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски денеска се сретна со министерот за култура и туризам, Седат Сулејмани, со кого било разговарано за заедничките приоритети во културата и за зајакнување на соработката меѓу Град Скопје и Министерството.
„Пред нас е голема можност и уште поголема одговорност – „Скопје 2028 – Европска престолнина на културата“. Ова признание треба да остави трајна вредност за градот, како обновени културни простори, поголема поддршка за творештвото и култура достапна за секој граѓанин.
Токму затоа, посебно внимание посветивме на подготовките за 2028 година, мапирањето на локациите и културните капацитети, унапредувањето на туристичките потенцијали и поефикасното поврзување на градските и националните установи од областа на културата.
Заедно извршивме и увид во градежните активности на Универзална сала, која по завршувањето на реконструкцијата треба да му биде предадена на управување на Град Скопје и повторно да ги отвори вратите за уметниците и публиката.
Универзална сала е дел од душата на Скопје. Симбол на солидарноста што го подигна нашиот град и дом на спомени што ги поврзуваат генерациите. Во неа растеа таленти, одекнуваа аплаузи и се испишуваа едни од најубавите страници на скопската културна приказна. Наша заедничка цел е да ѝ ги вратиме сјајот и значењето што ги заслужува. Повторно да биде место на средби, емоции и културни настани со кои ќе се гордееме“, напиша градоначалникот.