Министерството за правда денеска отвори канцеларија за бесплатна правна помош за жителите на Шуто Оризари.
– Наша обврска е на сите граѓани да им обезбедиме соодветни независни и непристрасни судски механизми. Со ова на граѓаните кои се во тешка финансиска состојба ќе им се овозможи да добијат правна помош од адвокат и фер судење. На овој начин покажуваме дека се грижиме за ранливите категории граѓани, рече министерот за правда, Кренар Лога по потпишувањето на Меморандумот за соработка со градоначалникот на Шуто Оризари, Курто Дудуш.
Министерот Лога информираше дека во 2022 година биле поднесени 291 барање за секундарна правна помош од кои 231 се одобрени.
– За примарна правна помош услуга добиле 3330 граѓани. Најмногу барања за бесплатна правна помош има од областа на семејното право како што се бракоразводни парници, старателство врз деца, оставински постапки, имотни, работни спорови, должничко -доверителски односи за прашања од пензиско и инвалидско осигурување, за застапување на жртви од семејно насилство, за спорови со осигурителни компании, истакна рече Лога.
На отворањето на канцеларијата за бесплатна правна помош присуствуваа претставници од УНХЦР и Канцеларијата на Совет на Европа.
Претставничката на УНХЦР, Моника Сандри го поздрави усвојувањето на Законот за матична евиденција со кој ќе се овозможи видливост за 700 граѓани кои водеа децениски битки со системот да добијат правен идентитет, пристап до основните права и достоинствен живот.
Од Министерството за правда велат дека граѓаните може да се информираат за правото кое државата го дава во вид нa бесплатна правна помош на веб страницата pravnapomos.mk .