– Градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска, во вечерашното гостување на Канал 5, на прашање од граѓаните во однос на тоа дали ќе има бесплатен јавен превоз во главниот град, рече дека тоа е директно поврзано со набавката на 250 нови автобуси и дека треба да го гласаат советниците од градскиот Совет.
– Бесплатниот јавен превоз е нешто што е директно поврзано со набавката на 250 нови автобуси за нашите жители, затоа што не можете да воведете бројни нови линии, не можете да направите таква инфраструктура и тоа што е неопходно за нашите жители доколку немате соодветни превозни средства со коишто би требало да се имплементира бесплатниот јавен превоз, истакна Арсовска.
Таа рече дека тоа треба да го гласаат советниците на Градот Скопје, не само за автобусите, туку и за бесплатниот јавен превоз, но ја спомна и поддршката што треба да ја дава и централната власт.
– Замислете се дотирале два милиони во времето на ковид кризата кога не се употребувал толку јавниот превоз, се давале по пет, по шест милиони од страна на централната власт како дотација, за да може тој да биде функционален. Овие се средства коишто се предвидени за реализација на овој проект, затоа што јавното градско претпријатие мора да функционира базирано врз одржување коешто ќе биде финансирано од страна на Градот. Тој нема сопствени средства од каде да генерира, а ако не бидат истите наплаќани од граѓаните, и покрај тоа што имаме меѓу најниските тарифи за јавен превоз во овој дел од светот, сепак за да го воведеме бесплатниот јавен превоз, тоа треба да го покрие Градот и да биде соодветно буџетирано, а советниците треба да го изгласаат, нагласи градоначалничката на Град Скопје.