Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска и градоначалникот на Општина Сарај, Блерим Беџети, денеска извршија увид на градежните активности и го промовираа проектот за подобрување на системот на водоснабдување на 7 населени места Рашче, Копаница, Бојане, Буковиќ, Ласкарце, Семениште и Чајлане, во општина Сарај.
Реализацијата на овој значаен инфраструктурен проект е со цел подобрување на водоснабдувањето во градот и решавањето на проблемите со водоводната мрежа, што е еден од приоритетите во реализацијата на програмата „За модерно Скопје“, велат од Град Скопје.
– Се грижиме за сите граѓани подеднакво и инвестираме во обезбедување на квалитетни услови за живот во секоја општина и населено место во градот. По 3 децении се реализира ветеното водоснабдување на 7-те населени места за повеќе од 11.000 жители, а жителите на општина Сарај добиваат поквалитетно водоснабдување, изјави Арсовска.
Градежните активности на терен опфаќаат изградба на нова препумпна станица во близина на Рашче, потисни цевководи кон Копаница и Бојане, како и изградба на нов резервоар во Копаница со капацитет од 600 кубни метри.
Значајно е да се нагласи дека Град Скопје во изминатиот период реализираше низа инфраструктурни активности во општина Сарај за подобрување на условите на живот на жителите на општината. Во рамките на овие активности, реконструиран беше Спортскиот Ценар Сарај и обновени спортски терени, реконстуирана е водоводната мрежа во населеното место Бојане и подобрено е водоснабдувањето во Горно Свиларе, известува Град Скопје.
Оттаму најавуваат дека во наредниот период продолжуваат со реализација на проекти, за реконструкција на патот кон Матка, на изградба на нова водоводна мрежа во Матка и на уредување на нов мега парк од над 30.000 метри квадратни.