Градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска денес во Совет на Европа на Конгресот на локални власти едногласно е избрана за портпарол и координатор за следење и спречување на корупција на локално и регионално ниво.
Арсовска минатата година беше избрана за потпретседател на Европската народна партија за локални власти, а годинава со нов мандат за портпарол и координатор за следење и спречување на корупција на локално и регионално ниво ќе ги води и следи процесите на почитување на Европскиот кодекс на однесување за сите лица вклучени во локалното и регионалното управување.
Нејзини надлежности, како што информираат од Град Скопје, меѓу другите се да го координира и подобри влијанието на работата на Конгресот за спречување на корупцијата во локалните власти, да известува за утврдени случаи на корупција на локални и регионални власти и да ја промовира стратегијата на Конгресот за спречување на корупцијата и унапредување на јавната етика на локално и регионално ниво.
Арсовска ќе го претставува Конгресот на сите значајни настани организирани од Советот на Европа и меѓувладиниот сектор за прашања на јавната етика и справување со корупцијата, организира и координира активности со Групата држави против корупција (ГРЕКО), со цел идентификување и размена на добри практики, решенија за предизвиците и начини за промовирање на јавната етика и спречување на корупцијата.