Во текот на изминатиов викенд, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје извршија генерално чистење на целокупниот простор во внатрешноста на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје, при што беа подигнати и транспортирани вкупно 30 кубни метри кабаст отпад и отпад од картонски пакувања одложени вон садовите наменети за одлагање на отпадот.
Во рамките на споменатите активности, на терен во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ присуствуваше и в.д. директорот на ЈП Комунална хигиена-Скопје, Сабахадин Рустеми. Воедно, спроведени се и активности за отстранување 50 кубни метри отпад од диви депонии лоцирани во скопските општини Чаир, Кисела Вода, Карпош и Ѓорче Петров.
„Отстранета е дива депонија на булеварот Никола Карев (Пластичарска улица) во општината Чаир, каде што на аголот со улицата Максут Садик се подигнати 10 кубни метри претежно мешан комунален отпад. Во оваа општина се расчистени и уште пет кубни метри непрописно одложен отпад на улицата Џон Кенеди. Интервенирано е и на булеварот Илинден во скопската општина Карпош, каде што се отстранети 10 кубни метри мешан комунален и отпад од картонски пакувања одложени на јавна површина во непосредна близина на Зоолошката градина. Екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје подигнаа и 15 кубни метри непрописно одложен отпад од картонски пакувања на улицата Димо Хаџи Димов во општината Кисела Вода, како и 10 кубни метри кабаст отпад одложен на тревна површина на улицата Христо Батанџиев општината Ѓорче Петров“, велат од ЈП Комунална хигиена-Скопје.