Во Скопје се одржува Меѓурегионалниот состанок на главните преговарачи и високите претставници одговорни за европска интеграција, чиј домаќин е првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали. Состанокот обединува претставници од Западен Балкан, Украина, Молдавија и Грузија, како и претставници на Европската Унија и меѓународни партнери.
Во фокусот се иднината на проширувањето на Европската Унија, следната Повеќегодишна финансиска рамка и забрзувањето на усогласувањето со законодавството на ЕУ преку поефикасна соработка меѓу владите и парламентите.
Во својата порака, Сали нагласува дека проширувањето е стратешка инвестиција во безбедноста, стабилноста и просперитетот на Европа. Тој истакнува дека посветеноста на реформите треба да биде проследена со веродостоен и предвидлив пристапен процес, во кој напредокот се оценува врз основа на заслуги.
Посебно внимание се посветува на постепената интеграција и можностите граѓаните и бизнисите да ги почувствуваат придобивките од приближувањето кон ЕУ уште пред членството. Во таа насока, следната Повеќегодишна финансиска рамка претставува значајна можност за поддршка на реформите, зајакнување на институциите и економската конвергенција.
Дискусиите ја опфаќаат и улогата на парламентите во процесот на европска интеграција, потребата од рана координација при подготовката на законодавството и значењето на парламентарниот надзор за квалитетот и спроведувањето на реформите.
Состанокот има цел да ја зајакне размената на искуства и практичната соработка меѓу институциите што го водат процесот на европска интеграција, како и да утврди области за понатамошна меѓурегионална соработка.
Министерот Сали изразува благодарност до учесниците и партнерите, со посебна благодарност до Амбасадата на Сојузна Република Германија и ГИЗ за поддршката во организирањето на состанокот и за континуираната поддршка на европскиот пат.