„Синохидро“ сè уште имаат и рок и фронт до 31 декември да работат на патот Кичево – Охрид, вели министерот Бочварски

„Синохидро-сe-уште-имаат-и-рок-и-фронт-до-31.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Кинеската компанија „Синохидро“ се уште има рок до крајот на годинава да работи на реализација на патот Кичево – Охрид и покрај анализите и ревизиите што се прават за проектот. На ова денес потсети министерот за транспорт и врски Благој Бочварски кој вели дека се бара најдоброто можно решение за завршување на автопатот.


„Компанијата ‘Синохидро’ во минатиот период беше во континуирана координација со Министерството, со Јавното претпријатие за државни патишта и со сите подизведувачи во насока на решавање на сите прашања кои се отвораа во текот на изградбата. Важно е дека компанијата има се уште рок за реализација и до 31.12 имаат и рок и фронт за да продолжат да работат на терен“, рече министерот Бочварски денес во Неготино по прелиминарната распределба на социјални станови.

Министерот очекува анализата од експертот на ФИДИК (Меѓународна федерација на консултантските инженери) да даде правци по кои државата треба да продолжи за завршување на овој проект. Експертите пак кои ги ангажира јавното претпријатие за државни патишта министерот Бочварски вели дека треба да помогнат за избор на најдоброто решение за свлечиштата и косините кои се реален проблем на голем дел од трасата на автопатот.

„По утврдување на сите овие правци кои ќе произлезат од стручни лица, без притоа да се прави политички притисок туку со стручна анализа ќе дојдеме до најдобрата политичка одлука која што ќе ја донесеме и за завршување на автопатот и тој автопат да биде сигурен, безбеден за патување на граѓаните“, рече министерот Бочварски,

Премиерот Димитар Ковачевски вчера посочи дека одговорност за долгото градење на патот треба да се бара и од проектантите. Ги спореди со сметководители и рече дека одговорноста на проектантите кои даваат лоши решенија во проектите е иста со онаа на сметководителите кога прават погрешни завршни сметки и има можност да ги изгубат лиценците.

Поради 11 нови свлечишта веќе е извесна потребата уште еднаш да се продолжи рокот за завршување на патот Кичево – Охрид, но премиерот Ковачевски најави и можност за раскинување на договорот со кинеската компанија која веќе 10 години работи на патот од кој не е пуштен за употреба ниту еден метар.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK