Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска оствари телефонски разговор со претседателот на Република Хрватска, Зоран Милановиќ.
Во разговорот беше потврдена посветеноста на двете држави за продлабочување на традиционалното партнерство, како и јакнење на регионалната соработка, при што претседателите оценија дека билатералните односи се пријателски, без отворени прашања, со континуиран политички дијалог и конструктивна соработка.
Двајцата соговорници изразија подготвеност и за продолжување на соработката во рамките на НАТО, а Сиљановска Давкова се заблагодари за принципиелната поддршка од Хрватска на македонските евроинтеграции.
Сиљановска Давкова и Милановиќ разменија мислења за соработката на регионален и мултилатерален план, за европските перспективи на нашата земја и состојбите во регионот.
Во разговорот стана збор и за положбата на македонската заедница во Хрватска и хрватската во Македонија, при што беше оценето дека правата на малцинствата во двете земји се на високо ниво и дека постои целосна подготвеност од двете страни за нивно дополнително унапредување.