Сиљановска-Давкова: Ние не можеме да бидеме Пенелопа којашто, чекајќи го Одисеј, нон стоп го менува Уставот, на барање на некој однадвор


siljanovska2.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова организираше традиционален годишен прием за дипломатскиот кор во Охрид, каде што пред претставници на амбасадите и меѓународните организации упати силна порака за мир, дијалог и еднаков третман на државите во европската интеграција.


Таа на присутните им посака среќна и успешна година, нагласувајќи дека дипломатите претставуваат знаење, умереност и упорност во потрагата по решенија преку дијалог, а не преку конфликти и уцени.

„Дипломатијата не е само протокол, туку цивилизациски механизам што урива ѕидови и гради мостови“, рече таа, додавајќи дека претпочита тркалезни маси наместо мапи на фронтови.

Претседателката ја посочи важноста на културната, економската и научната дипломатија, а во центарот на говорот ја стави потребата од нов мултилатерализам – што ќе штити мали и ранливи држави и ќе го почитува меѓународното право.

Остра критика за односот кон проширувањето

Сиљановска-Давкова упати и критика кон пристапот на ЕУ, нагласувајќи ја опасноста од политичка арбитрарност и двојни стандарди.

„Ние не можеме да бидеме Пенелопа којашто, чекајќи го Одисеј, нон стоп го менува Уставот, на барање на некој однадвор, заборавајќи дека е закон над законите, односно lex superior, којшто треба ретко и со рака што трепери да се менува, како што велеше белгискиот професор Вињи, како и најважниот општествен договор на македонските граѓани, како што пишуваше Русо. Како е можно, односно не е ли хипокризија и цинизам да се повикуваш на национален уставен патриотизам и на консензусот како брана од промена на конститутивните акти на ЕУ, а да бараш од една држава да исполни „ само уште еден услов“, да направи „само уште една отстапка и уставна промена“, оти така сакал соседот, така препорачувал известувачот или Европскиот совет!“, рече претседателката.

Додаде и дека тешко е да се живее во перманентна неизвесност. Чудно е да се повикуваш на Копенхашки критериуми, а да инсистираш на балкански барања, да очекуваш реформи и владеење на правото, а да толерираш билатерализација, ветоизација и двојни стандарди.

„Ако проширувањето стане процес во кој секој нов член го редефинира патот на следниот – Унијата ќе го изгуби она што ја прави Унија“, додаде претседателката.

Во обраќањето, таа се осврна и на трагедијата во Кочани, нарекувајќи ја „болна траума“ и се заблагодари за поддршката од меѓународната заедница, која преку дипломатите покажала солидарност и пријателство.

Во завршниот дел, Сиљановска-Давкова истакна дека европската перспектива мора да биде кредибилна и рамноправна:

„Не бараме привилегии – бараме критериуми. Проширувањето не е само тест за кандидатите, туку и за демократскиот капацитет на Унијата.“

„Западниот Балкан не смее да се третира како периферија на периферијата. Тоа е европски предизвик и безбедносен приоритет“, заклучи претседателката, со порака дека заедничката иднина се гради преку партнерство, разбирање и доверба.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK