Претседателката Гордана Сиљановска – Давкова, вечерва ги прими и се обрати пред учесниците на 4. Форум за културна дипломатија Скопје 2026, којшто се одржува на тема „Од крстопати кон поврзувања: Културната дипломатија и иднината на глобалниот дијалог“.
Според неа, во свет на конфликти, културната дипломатија успева да создаде многу потрајни и подлабоки мостови отколку конвенционалната, традиционална дипломатија.
Таа оцени дека културата е неуништлив пулс на човештвото и најсилна потврда дека креативноста ја надвладува деструктивноста.
За неа, Скопје е жив пример за солидарност, град што низ вековите успеал да ги преживее војните и катастрофите благодарение на духот на неговите жители и подадената рака од меѓународната заедница. Поради своето богато историско, културно и цивилизациско наследство, Скопје е природен избор за Европска престолнина на културата во 2028 година, смета Сиљановска-Давкова.
Претседателката укажа дека културната дипломатија е неопходност во време на кризи.
„Во времиња кога светот лесно посегнува по јазикот на поделбите, наша должност е да го засилиме гласот на културата. Да вложуваме во умовите во коишто се раѓа мирот, да ги почитуваме спецификите на секој народ и да изградиме иднина во којашто културните разлики нема да бидат причина за конфликт, туку мост кон трајно разбирање“, порача Сиљановска-Давкова.
На приемот, насловен „Лидерството и културата како мостови меѓу цивилизациите“, се обратија поранешниот претседател, д-р Ѓорге Иванов, директорот на Институтот за културна дипломатија од Берлин, Марк Донфрид и претседателката на Националната комисија за УНЕСКО на Унгарија и Асоцијацијата на ОН на Унгарија, Каталин Анамарија Боѓај.
Форумот е во организација на Кабинетот на поранешниот претседател на Република Македонија (2009–2019), Меѓународниот центар Алијанса на цивилизациите од Скопје и Институтот за културна дипломатија од Берлин, со поддршка на Министерството за култура и туризам.