Сиљановска-Давкова: Како нација имаме право да го покажеме пред светот нашето вистинско лице

Foto.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Во годинава што изминува бевме сведоци на многу порази и падови, но и на успеси, хуманост, меѓусебна помош и поддршка.
Новата година е момент да се направат многу нешта во пријатна атмосфера, но и момент да се потсетиме дека некои храбри луѓе бдеат над нашата благосостојба. Новата година секогаш буди оптимизам, надеж и раѓа нови можности, напиша во новогодишната честитка претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.


„Како и во вашите животи, и во мојот, има и подеми и падови, но и стотици причини и мотиви да не се откажуваме. Ние секогаш имаме обврска да чекориме напред и кон подобро, заради нас самите, заради нашите деца и за општото добро. Мудриот рекол една гранка лесно се крши, но кога десет гранки ќе се сплотат, тоа е невозможно.

Живеејќи во свет на искривени вредности, да испратиме пораки дека заедно сме посилни и посреќни. Да им подадеме рака и на немоќните, на лицата коишто живеат на маргините, потребни сме им, но и тие нам. Да изградиме општество во кое секој ќе има шанса за пристоен и достоинствен живот, ранливите ̶ поддршка, а младите ̶ инспирација, мотив и иднина. Имаме насушна потреба од еколошка правда и договор со природата, но не како наметната обврска, туку како предуслов за извесна иднина.

Како нација имаме право да го покажеме пред светот нашето вистинско лице, да ја кажеме нашата долговековна приказна, да веруваме во нашиот македонски сон“, пишува претседателката.

И како човек и како претседателка, како што вели, верува дека вреди да се бориме за правото, правдата и моралот.

„Држејќи се до овие начела, малите земји имаат шанса да ги пребродат големите бури во меѓународните води.

Да го чуваме како добри домаќини нашиот заеднички дом. Посакувам 2025-та година да биде година на успеси, стабилност, радости и остварени соништа. Да живееме во мир, спокој и хармонија со оние што ги сакаме и што нѐ сакаат“, порача Сиљановска-Давкова.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK