Шутиноски во Брисел: Подготвени сме за пазарно спојување со берзите на електрична енергија на земји членки на ЕУ

MEMO-FORUM1.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK







Симон Шутиноски, управител на Националниот оператор на пазарот на електрична енергија – МЕМО учествуваше на Панел дискусијата на тема: „Дали интеграцијата на договорните страни на Енергетската заедница ќе обезбеди посилен единствен европски пазар за електрична енергија“, во рамки на Форумот за Интеграција на пазарот на електрична енергија во Европскиот парламент во Брисел.

На Панел сесијата Шутиноски истакна дека МЕМО успешно управува со организираниот пазар – берзата на електрична енергија во Република Северна Македонија скоро една година и ги гарантира плаќањата и испораката на електрична енергија. Со воведувањето на берзата на електрична енергија се зголемија можностите кои ги нуди пазарот на електрична енергија во земјата преку транспаретни и сигурни механизми за тргување на електрична енергија обезбедувајќи референтни цени на електрична енергија.

„Со целосното транспонирање на третиот енергетски пакет на ЕУ во македонското законодавство во 2018 година, во нашата земја се создадоа услови за воспоставување на нова ера на организирано тргување со електрична енергија. Сите бевме подготвени за големиот предизвик кој беше пред нас, затоа што веруваме во придобивките што организираното тргување со електрична енергија им ги носи на сите релевантни страни. За воспоставување на организираниот пазар на електрична енергија во сегментот ден однапред, имавме голема поддршка од нашата Влада, Секретаријатот на Енергетската заедница, УСАИД и сите чинители во енергетскиот сектор во Северна Македонија. Дополнително, со поддршка на нашите партнери од EPEX- најголемата берза во Европската Унија и BSP- словенечката енергетска берза, обезбедивме локален транспарентен организиран пазар на тргување, ден однапред со можност за спроведување на пазарно спојување со берзите со земји-членки на Европската Унија. Веќе една година MEMO им обезбедува услуги на учесниците со сигурни референтни цени за секој час 7 дена во неделата, во текот на целата година. Започнавме со 23 учесници, а денес имаме 30 што претставува импресивна бројка за мал пазар на електрична енергија каков што е македонскиот“, рече Шутиноски.

Шутиноски додаде дека важно е тоа што се работи берзата во иднина да биде поврзана со берзите на соседните земји и членки на Европската Унија, што ќе овозможи директен пристап до регионалните пазари, а тоа значи зголемување на пазарните можности за учесниците на македонскиот енергетски пазар како и поголема флексибилност во тргувањето со енергија.

„Моментално работиме на два важни проекти кога станува збор за маркет каплингот, односно спојување со некоја од соседните берзи. За таа цел, Северна Македонија беше првата земја во регионот што потпиша Меморандум за разбирање со Бугарија, земја членка на Европската Унија во 2018 година, во рамки на проектот воспоставен со поддршка на Секретаријатот на Енергетската заедница. Второ, потпишавме Меморандум за разбирање и работиме на регионален проект со поддршка на УСАИД за маркет каплинг или спојување на берзите меѓу Грција, Северна Македонија, Косово и Албанија. Нашите ресурси се фокусирани на овие два проекти. Главна цел е да го реализираме маркет каплингот со земја членка на ЕУ и да ја отвориме вратата за сите договорни страни на Енергетската заедница во начинот на спроведување на овој процес. За реализација на маркет каплинг проектите, како предуслов е усогласување на нашето законодавство со Европските регулативи за што најважно е носењето на новиот Закон за енергетика како основа за тој процес. Потоа ќе продолжиме со процесите во нашите проекти и очекуваме дека првото спојување со берзите на соседна земја членка на ЕУ ќе се реализира до крајот на 2026 година, согласно планот за интеграција на проектите за пазарно спојување на берзите на електрична енергија на ЕУ“, рече Шутиноски и додаде дека визијата на МЕМО е да понуди повеќе можности за тргување на локалните партнери преку спроведување на маркет каплингот со што би се овозможило полесен пристап до прекугранични капацитети и оптимална работа на електро енергетскиот систем преку транспарентни цени.

На Панел сесијата заедно со Шутиноски говорници беа Звездан Вујовиќ, генерален директор на Дирекцијата за електроенергетика, Министерство за енергетика и рударство на Црна Гора, Пал Сагвари, потпретседател на Унгарската регулаторна управа за енергетика и јавни комунални претпријатија (MEKH), Дмитро Корнијенко, раководител на единицата за организација на здружени аукции (NPC) во Националната енергетска компанија „Укренерго“, Украина, Косимо Капидоглио, претседател на Маркет каплинг комитетот (MCSC), како и Анже Предовник, извршен директор на Алпско-јадранската дунавска берза за електрична енергија (ADEX) и на словенечката енергетска берза (BSP).

На форумот учествуваат над 120 учесници, клучни чинители на берзите на електрична енергија од земјите од Западен Балкан и Европската Унија. Главната цел е да генерира политичка и регулаторна поддршка за понатамошна интеграција на договорните страни на Енергетската заедница со посебен фокус на пазарното спојување на електрична енергија.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK