По вчерашните операции, двајцата ранети во трговскиот центар „Ист гејт“ се во релативно стабилна состојба, сместени на интензивна нега. Во полоша состојба е придружникот на Раде Трајковски – Штекли. Придружникот вчера беше опериран на Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“, и неговата состојба е сè уште животозагрозувачка.
„Пациентот е во релативно стабилна состојба по операциите. Сместен е на интензивна нега и сè уште е на апарати. Беше донесен искрвавен и со сериозни повреди во стомакот, градниот кош, белиот дроб, црниот дроб и по опсежна интервенција состојбата е стабилизирана, но сè уште е во животна опасност. Се работи за 24- годишно момче кај кое најверојатно ќе треба уште една операција“, вели директорот Арсенков за „Макфакс“.
Состојбата на Штекли кој, неофицијално, бил мета на напаѓачот, според директорот на Клиниката за торакална и васкуларна хирургија Неџати Јакупи, е подобра. И тој закрепнува по вчерашни интервенции на неколку органи.
„Пациентот е стабилен, со спонтано дишење, свесен и контактибилен. Имаше опсежна интервенција на лево белодробно крило кое е извадено и третман на прострелна рана на десно рамо. Сместен е на интензивна нега и состојбата постојано му се следи“, изјави директорот Јакупи за „Макфакс“.
Штекли и неговиот придружник беа повредени вчера попладне во „Ист гејт“ во период кога трговскиот е полн посетители.
МВР објави фотографија од напаѓачот и побара помош од граѓаните за негово пронаоѓање и идентификување. На случајот се уште се работи.