Сериозна загриженост за независноста на судството во Северна Македонија изразува Европската комисија (ЕК) во годишниот извештај за владеење на правото.
„Северна Македонија имаше неколку реформски бранови во правосудството и усвои нова стратегија во правосудството за да се подобри независноста, ефикасноста и професионалноста. Сепак, независноста на судството и институционалниот капацитет да се заштити од несоодветно влијание претставуваат сериозна загриженост. Нивото на утврдената независност на судството е многу ниско“, пишува во извештајот, пренесува РСЕ.
ЕК ја истакнува и загриженоста за независното функционирање на Судскиот совет. Исто така, нотира и дека одлуките за именување и судии и обвинители биле критикувани од граѓанското општество поради сомнежи дека не се засновани на објективни критериуми.
Од друга страна, пак, во извештајот се забележува дека Врховниот суд под водство на претседателката Беса Адеми и Судскиот совет презеле мерки за да ја подобрат транспарентноста.
Уште еден аспект на кој се осврнува ЕК во извештајот во однос на независноста на судството се парите.
„Ограничените финансии кои се доделуваат во судството може да влијаат на неговата финансиска автономија, а дефицитот на човечки ресурси може да влијае на квалитетот и ефикасноста на правдата“, нотира ЕК.
Европската комисија во извештајот забележува дека во Северна Македонија постои сеопфатна стратегија за борба против корупцијата, но заостанува нејзината имплементација.