СДСМ до Брнабиќ: СНС не е српскиот народ, ниту Александар Вучиќ е Србија


сдсм-sdsm-sedishte.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, остро ги отфрла срамните и лажни обвинувања на Ана Брнабиќ на сметка на нашата реакција на изјавите на претседателот на Србија, истакнуваат од оваа партија.


„Наместо нам да ни држи лекции за „срам“, госпоѓа Брнабиќ најпрво нека се сослуша себеси, а потоа и изјавата на нејзиниот претседател.

Таа и Александар Вучиќ се навикнати да ги извртуваат фактите како што им одговара и да навредуваат секого што мисли поинаку од нивната диктаторска матрица.

Ја потсетуваме само на некои од нејзините сопствени изјави за студентските протести во Србија:

„Ова е обоена револуција. Ова е пуч, ова е обид за државен удар. Хрватска им дава логистичка, разузнавачка и финансиска поддршка.“

„Мислам дека настрешницата беше урната како почеток на обоена револуција.“

Вака таа зборува за студентите, за младите кои се иднината на Србија. СНС во Србија студентите ги нарекува „усташи““.

Тогаш, додаваат од опозициската партија, е јасно зошто Вучиќ вели дека заменичката на генералниот секретар, Радмила Шекеринска, има врска со сецесионистичката политика на Косово.

„Тоа што Александар Вучиќ ве постави, госпоѓо Брнабиќ, на чело на владата, на сите им е јасно. Да се биде послушник во режимот на Александар Вучиќ повеќе никому не треба да му се објаснува.

Вие во таа влада се прашувавте колку и Христијан Мицкоски додека Груевски беше на власт – воопшто.

Што се однесува до НАТО интервенцијата во 1999 година, токму Вучиќ беше член на таа влада, министер за информирање, чија политика директно доведе до бомбардирањето на тогашната СР Југославија.

Добро се сеќаваме на „најдобриот ученик“ на Војислав Шешељ. Тоа нема да го заборават ниту граѓаните на Србија, ниту граѓаните на Македонија.

Споменувате дека СНС и Вучиќ се единствените кои „негуваат пријателски односи“, како Македонија да е на последно место на светот.

Она што сигурно го знаеме е дека покрај тоа што СНС негува односи со ВМРО, изгледа дека негува и канабис со сестринската партија“.

Од СДСМ додаваат дека функционер на СНС беше уапсен при заплена на 5 тони марихуана која, како што напоменуваат, пристигнала од Македонија, а никој не знае како ја поминала границата.

„Велите „нема никакви претензии кон суверенитетот и територијалниот интегритет“? Што точно треба да значи тоа, госпоѓо Брнабиќ? Некоја скриена закана?

Секојдневно за регионот пласирате вести за некакви набавки на најдобро оружје, најдобри авиони, изгледа ви се допаѓа тоа ѕвечкање со оружје од 90-тите, доктрината на Војислав Шешељ.

Да ве потсетиме, можеби сте „заборавиле“, дека Македонија е полноправна членка на НАТО, како што е и мнозинството земји во вашето и нашето опкружување. Затоа тие пораки оставете ги за вашата партиска пропаганда.

За нас Србија е наш најблизок сосед, а српскиот народ го сметаме за еден од нашите најблиски пријатели.

СНС тоа не е и никогаш нема да биде. Останувате само сестринска партија на ВМРО“.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK