СДС и ССМ делуваат заеднички, еден со друг си ги повторуваат тезите, манипулираат со јавноста и работниците и вештачки наметнуваат тези. Колку и да негираат, тоа е повеќе од очигледно и народот ги прочита, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Планот на делување, кој се реализира преку ССМ, како што оценуваат,осмислен им е, најверојатно, во кујната на СДС, надополнета со неформалните коалициони партнери ДУИ и Левица.
„Слободан Трендафилов на чело на ССМ, одработувајќи за својата позиција, е само алатка за реализација на планот на СДС, чија крајна е застој во развојот на државата.
СДС не сака Македонија да напредува и економијата да се развива, затоа преку ССМ сака десетици милиони евра да се трошат за придонеси, наместо да се инвестираат во развој кој ќе го подобри животот и ќе донеси бенефит за сите. На СДС му смета развојот и инфраструктурниот бум низ државата, не сака да се градат градинки, училишта, болници, улици, патишта. И тоа е многу очигледно“.
Државата, додаваат од партијата на Мицкоски, се стабилизираше, почнаа да растат платите и пензиите, а економскиот раст последните два квартали од минатата година е над 3%, ова се факти со кои СДС не може да се помири.
Според нив, и на СДС му е јасно дека со вакво темпо на развој на државата, тие полека но сигурно ќе потонат во заборав. Па, затоа преку вештачки креирани теми се обидуваат да бидат актуелни и за актуелизирање на тие теми, преку Трендафилов, го користат ССМ.
„Злоупотребувајќи ја својата позиција во ССМ, Слободан Трендафилов синдикатот го внесува во непринципиелни сојузи со политичките партии СДС и Левица. Трендафилов одработува за СДС, за незаконски добиеното претседателско место и со тоа ја ставаат на коцка иднината на државата“.
Но, народот и работниците, истакнуваат од владејачката партија, ги прочитаа и добро знаат дека не се грижат за работниците, туку манипулираат во јавноста за свои лични интереси.