САД се очекува да бидат многу активни во разговорите за точниот начин на спроведување на договорот меѓу Скопје и Софија штом Бугарија има постабилна влада.
Помошник – државниот секретар на САД за европски и евроазиски прашања Џејмс О`Брајан, на сослушување за иднината на Европа во Комитетот за надворешни работи на Сенатот, рече дека Северна Македонија страда поради несогласувањата со соседите, што е еден од проблемите за пристапување во ЕУ и влијае на менување на условите постојано, пренесе „Гласот на Америка“.
Тој беше прашан од демократската сенаторка од Њу Хемпшир Џин Шахин, што САД можат да направат повеќе да ги охрабрат Европејците да ги исполнат ветувањата за државите од Западен Балкан што ги направиле бараните реформи, без да ги менуваат правилата или условите за нивно придвижување кон ЕУ, како што е случајот со Северна Македонија.
„Главното прашање е договорот што Северна Македонија го има со Бугарија, и штом Бугарија има постабилна влада, ќе треба да има разговори за точниот начин на кој да се имплементира. Значи, тоа ќе биде област каде што очекувам и ние да бидеме многу активни“, одговори О`Брајан.
Бугарија инсистира дека нема да дозволи отстапување од постигнатите договори, од кои првиот е вклучување на Бугарите во македонскиот Устав, додека премиерот Христијан Мицкоски вети дека нема да прифаќа диктати и ултиматуми.