По три дена интервјуирање и четири дена бодување, синоќа пред полноќ беше објавена ранг-листата за избор на нови членови на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК). Со највеќе освоени бодови на врвот на листата е ревизорката Татјана Димитровска, која комисијата ја предлага за претседателка. За членови се предложени ревизорите Цвета Ристовска и Зоран Богоевски, вработените во ДКСК Билјана Каракашова-Шулев и Бесник Џемаиљи, судијката Софија Спасова-Медарска и Сервет Демири од ревизијата на претпристапната помош за ЕУ.
Предложените антикорупционери треба да ги изгласаат пратениците на пленарна седница. Тие ќе ја преземат должноста на 8 февруари оти мандатот на сегашниот состав е до 7 февруари.
Ревизорката предложена за претседателка 19 години работи во Државниот завод за ревизија. Последните две години е помошник на главниот ревизор.
За новиот состав на ДКСК конкурираа помалку кандидати во споредба со претходниот избор. Интервјуирани беа 41 кандидат. Во 2019 година беа интервјуирани 57 кандидати од кои за претседателка беше избрана Билјана Ивановска, а за членови Горан Трпеноски, Нури Бајрами, Софка Пејовска-Дојчиновска, Катица Николовска, Шемси Салаи и Владимир Георгиев.