Работната група составена од заменикот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, заменик министерот за финансии, Филип Николовски и заменик министерката за правда, Викторија Аврамовска Мадиќ, одржа работен состанок со претставници на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ), кој е во насока на пронаоѓање на взаемно прифатливо, системско и одржливо решение на одредени состојби во судската и јавно-обвинителската служба.
Како што соопштуваат од Владата, на состанокот било реафирмирано дека низ инклузивен и транспарентен дијалог на двете страни, исполнет со взаемно почитување може да се решат прашањата поврзани со вработените во судската и јавно-обвинителската служба, а што би допринело кон унапредување на севкупната ефикасност и ефективноста на судскиот систем во државата.
„Со оглед на тоа што двете страна се блиску до изнаоѓање на взаемно прифатливо решение, кое ќе значи унапредување на социјалниот дијалог, од страна на претставниците на Владата беше отворено прашањето за ставање во мирување на штрајкот на вработените во судската и јавно-обвинителската служба, што дополнително би ја поттикнала атмосферата на взаемна соработка и разбирање.
Од страна на претставниците на работната група, уште еднаш беше истакната посветеноста на Владата на принципите на водење на отворен и инклузивен социјален дијалог со сите синдикални организации, а кој секогаш е во насока на пронаоѓање на системски, праведни, правични и солидарни решенија за сите отворени прашања“, се наведува во соопштението на Владата.