Пунликуван е научниот труд за датирањето на неолитските локалитети во Пелагонија.
Овој труд е во коавторство на Гоце Наумов и Агате Рајнгрубер и е објавен во реномираното светско археолошко списание Documenta Praehistorica. Тој се базира на долгогодишните теренски истражувања на ЦИП во Пелагонија, а кои финализираа со хронолошко моделирање на добиените дати во Ајнштајновиот центар во Берлин.
Во овој труд, именуван како ‘Dating the Early Neolithic in Pelagonia’, сублимирани се сознанијата за датирањето на неолитските тумби во Пелагонија, добиени при радиокарбон анализите на семиња од житарици и животински коски. Во него за првпат се посочува дека најраното појавување на неолитски населби во Европа се случува во географска Македонија, при што опфатени се повеќе локалитети од Република Македонија и Република Грција чии што датирања се ревидирани со помош на хронолошки секвенци и примена на бејзовото моделирање.
Притоа, се истакнува и мошне важната улога на неолитскиот локалитет Влахо кој за жал се соочи со уништување на неговата источна периферија и на кого му е неопходна натамошна заштита. Овој локалитет се издвојува со една од најстарите неолитски дати во Европа (околу 6400 години пред новата ера), што го прави особено уникатен во светски рамки, како поради датирањето, така и поради единственото присуство на десетина ровови низ населбата. Во прилог на овие аргументи, изработени се повеќе хронолошки графикони кои го потврдуваат временскиот опсег на Влахо во втората половина на 7-от милениум п.н.е., како и она на другите значајни неолитски населби во географска Македонија.
Трудот може бесплатно да се преземе на следните линкови, што е воедно и една од главните заложби на Центарот за истражување на предисторијата за достапност на научните сознанија до сите љубители на минатото:
https://journals.uni-lj.si/DocumentaPraehistorica/article/view/18831