­

Психолози доброволци на терен работат со младите: Беа во шок, потоа имаа лутина, што е нормална емоција, а сега почнува периодот на тага


psiholog-Emilija.jpeg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Тим од психолози – доброволци од минатата недела е меѓу учениците, студентите и жителите на Кочани, Штип, Виница, Чешиново, Облешево и Пробиштип. Утрово тим од 30 психолози е на терен во Кочани, друг тим од десетмина е во Штип, а во секое време на располагање на жителите од овој регион име новоформиран центар за психолошко советување на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип каде секој може да побара индивидуална помош. За да бидат повидливи во средините во кои работат, психолозите носат црни маички на кои со бели букви пишува психолог.


Емилија Бошковска, психолог од Комората на психолози, која денес е на терен во Штип вели дека настојуваат секаде каде што е кризно да поминат краток брифинг, особено со лицата кои работат со млади. Формирале групи кои работат со наставниците, со вработените во градинките, во основните и во средните училишта, а приоритет им е работа со младите преку групен, но за секој што ќе побара и индивидуален пристап.

„Добар е одѕивот на младите, сакаат да разговараат. Една од причините зошто е тоа така е веројатно затоа што дома не се зборува за чувства. Меѓу врсниците се чувствуваат подобро и затоа ги правиме групите каде што би се чувствувале позаштитено, да добијат чувство дека се еден за друг тука“, вели Бошковска.

Зборуваат, за чувствата, за тоа како се чувствуваат во овие моменти и им помагаат да  создадат одбранбени механизми, стратегија за справување со емоциите за постепено да се вратат на нормалното функционирање.

„Пораката, пред се, е дека е во ред што и да чувствуваат и младите и возрасните во ваква состојба. Секој со свое темпо ќе заздравува. Беа во шок, па имавме неколку фази кои поминаа. После шокот имавме и лутина, и тоа е нормална емоција, почнува периодот на тага, не кај сите , се е индивидуално. Ги следиме, од ден на ден се менува состојбата и тука сме за се што доаѓа, по ред, па дури и за анксиозни состојби, депресивност и слично“, рече Бошковска и нагласи дека анксиозност и депресивност се состојби кои допрва би можеле да бидат очекувани.

Бошковска вели дека се работи за колективна траума, но секој е различен според степенот во кој е засегнат. Погодени од трагедијата се не само Кочани и околните места туку Бошковска смета дека нема човек во земјава кој не е афектиран и токму затоа ги повика сите психолози кои можат, да се вклучат, да се пријават за работа на терен. Досега за да помагаат се пријавиле вкупно 130 психолози, но не се охрабруваат сите за работа на терен.

Таа објасни дека наспроти гласините, работата на сите психолози не е платена, туку тоа го прават хуманитарно и доброволно.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK