Во Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ денеска се одржа свеченост на која беа промовирани 36 питомци од 26. класа и 1 питомец кој дипломираше на Воената академија „Вест Поинт“ во САД, во прв офицерски чин – потпоручник и 16 слушатели од Курсот за стручно оспособување и усовршување за офицери за службите на Армијата во чин –поручник.
На денешната свеченост се обрати министерот за одбрана Владо Мисајловски кој на новите офицери во Армијата им порача дека нивната промоција е нова дополнителна енергија и инвестиција во иднината на македонската Армија и во безбедноста на државата.
„Денешниот ден претставува круна на вашата четиригодишна упорност, но и почеток на уште поголеми достигнувања. Од денеска сте офицери – лидери, носители на довербата на државата и чувари на највисоките вредности врз кои почива секоја професионална Армија“, рече Мисајловски.
Министерот истакна дека со денешна промоција офицерскиот кор се збогатува со млади, мотивирани и амбициозни луѓе кои во текот на школувањето изградиле меѓусебна доверба, почит и пријателство, вредности, кои ќе им бидат основа за професионалната кариера како и за заедничкото справување со современите безбедносни предизвици.
„Да се биде офицер значи да се биде пример за сите. Од денеска, токму вие ќе бидете препознатливи по трудољубивоста, чесноста, интегритетот, по носењето тешки одлуки кога е најпотребно, по преземањето одговорност тогаш кога другите се двоумат и по способноста да ги ставите интересите на својата држава и на своите војници пред сопствените интереси“, потенцира Мисајловски.
Деканот на воената академија полковник Ненад Танески во своето обраќање пред присутните нагласи: „Во време на брзи технолошки промени, информатичка револуција, вештачка интелигенција и нови безбедносни предизвици, знаењето, лидерството и способноста за донесување вистински одлуки се најсилното оружје на современиот офицер. Затоа развојот на Воената академија, унапредувањето на наставата, научноистражувачката работа, меѓународната соработка и создавањето современи услови за образование не се само потреба – тие се стратешка инвестиција во иднината на Армијата“.
Тој во оваа прилика упати благодарност до припадниците на вооружените сили на Босна и Херцеговина и Црна Гора, како и нивните семејства. „Ви благодариме за довербата што ни ја укажавте, доверувајќи ни го образованието и професионалниот развој на вашите идни офицери. Тоа е чест за Воената академија и потврда за нејзиниот углед како регионален центар за воено образование“.
Поручник Марија Недева прворангирана меѓу питомците, посочи дека како генерација за време студиите научиле дека успехот не е само резултат на индивидуалниот труд туку на тимска работа, дисциплина и посветеност.
Денеска во потпоручници беа промовирани 37 питомци од кои 30 за потребите на македонската Армија, 2 од Црна Гора и 5 од Босна и Херцеговина, и 16–поручници, слушатели кои го завршија Курсот за стручно оспособување и усовршување за офицери за службите на Армијата.