Меѓународната стручна комисија на Меѓународните Медис награди за медицински истражувања оцени 243 научноистражувачки трудови доставени од 11 земји. Од нив, 196 ги исполнија зададените критериумите и се номинирани за наградите. По темелна евалуација, Комисијата избра 18 финалисти, по два финалисти во секоја научна област.
Меѓу финалистите за Меѓународните Медис награди во областа на гинекологијата е трудот на проф. д-р Глигор Тофоски насловен „Онколошки исход и бременост по третман за зачувување на фертилитетот со медроксипрогестерон ацетат кај жени со премалигни и малигни ендометријални лезии: серија случаи“ објавен во European Journal of Surgical Oncology. Студијата на д-р Тофоски ја анализира ефикасноста и безбедноста на високодозен медроксипрогестерон ацетат како терапија за зачувување на фертилитетот во девет случаи на млади жени со рана фаза на ендометријален карцином и премалигни ендометријални лезии.
„Ова истражување покажува дека со внимателна селекција на пациентките и строго, континуирано следење, можеме да понудиме онколошки безбедна терапија која истовремено им дава надеж на младите жени за мајчинство. Чест ми е во исклучително силна конкуренција трудот е меѓу финалистите на Меѓународните Медис награди, што истовремено е и силен поттик за продолжување на научна работа којашто носи директен бенефит за пациентките.“ – изјави проф. д-р Глигор Тофоски, Раководител на оддел за инфертилитет и асистирана репродукција при ЈЗУ Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство во Скопје.
Финалисти на 12-тите Меѓународни Медис награди за медицински истражувања се: од областа на дерматологија Јелена Петковиќ Дабиќ, Босна и Херцеговина и Терезија Томова, Чешка; од гинекологија Зденек Рушави, Чешка и Глигор Тофоски, Северна Македонија; од интензивна медицина и анестезиологија Хелена Остовиќ, Хрватска и Влатка Сотошек, Хрватска; од неврологија Берислав Рушка, Хрватска и Гертруд Тамаш, Унгарија; од офталмологија: Грета Кеменеш, Унгарија и Леон Марковиќ, Хрватска; од педијатрија Клемен Довч, Словенија и Михаела Рихтрова, Чешка; од фармација Милица Бајчетиќ, Србија и Матеј Штухец, Словенија; од пулмологија и алергологија Петер Копач, Словенија и Либорија Луговиќ Михиќ, Хрватска; од ревматологија Јелена Чолиќ, Србија и Маркета Дудкова, Чешка.
Право на учество на Меѓународните Медис награди имаат лекарите и фармацевтите кои ги имаат објавено своите научноистражувачки трудови во реномирани научни списанија со фактор на влијание, импакт-фактор, повисок од 1,500. Овој пат беа поднесени 243 истражувачки трудови од Австрија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Чешка, Унгарија, Црна Гора, Северна Македонија, Србија, Словачка и Словенија. Од нив, 196 апликации ги исполнија сите високи критериуми, со што нивните автори беа номинирани за Меѓународните Медис награди.
Свеченото доделување на наградите ќе се одржи на 12 март 2026 година во Љубљана, Словенија.
Меѓународните Медис награди за медицински истражувања се меѓународно признание што го доделува независна Меѓународна стручна комисија за извонредни научно-истражувачки достигнувања. Конкурсот е отворен во единаесет земји од Централна и Источна Европа и опфаќа девет медицински области. Наградите се признание за иновативните лекари и фармацевти кои, покрај својата редовна работа, активно се занимаваат и со научно-истражувачка дејност.
Целта на наградите е да ги истакне овие лекари и фармацевти пред пошироката јавност, со цел да се прошири знаењето за нивната работа и да се охрабрат тие, како и другите, да продолжат со својата истражувачка дејност. Со својата работа тие придонесуваат за значајни иновации во медицината и фармацијата, а со тоа и за поефикасно лекување и управување со болестите.
Наградите се воспоставени во 2014 година по иницијатива на словенечката компанија Медис, која воедно е и главен спонзор. Повеќе информации се достапни на: www.medis-awards.com.